top of page
Search

Како да го одбегнете стресот при планирањето на вашата свадба

Соочување со големо количество на стрес е нешто со што се соочува речиси секој пар за време на планирањето на сопствената свадба. Стресот често е предизвикан од ситници, како на пример изборот на цвеќе, чевли, облека, накит и сл. сѐ со цел да се исполнат општествените и лични очекувања.



Главната причина за огромното количество на стрес кај младенците е обидот да се испланира совршената свадба. Истовремено, како што налага традицијата мора да бидат задоволени и некои народни традиции, не баш омилени кај модерните парови. Дополнително „масло на оган“ додаваат притисокот на семејството пријателите и нивните совети и лични видувања поврзани со свадбата. Разни ритуали, традции, оро мора да се заигра, што е тоа вегетаријанско мени, без трубачи нема свадба и сл. ќе застанат помеѓу вас и вашата совршена свадба.

Пред воопшто да започнете со планирање на вашата свадба, поставете си реални очекувања. Невозможно е да ги задоволите сите инволвирани страни. Меѓутоа, не е ни потребно да им угодите на сите, ниту пак да ги прифатите сите сугестии. Сепак, тоа е ваш ден, иако гостите имаат голема улога. Свадбената прослава планирајте ја онака како вам ви одговара. Нормално, ќе морате да се погрижите за некои сегменти како на пример избор на менито и начинот како да ги анимирате гостите. Меѓутоа, изборот на венчаница, чевли, букет и сл. се ексклузивно ваши. Затоа, не дозволувајте им на добронамерните тетки, стрини, баби и сл. да се мешаат во вашите одлуки и така уште во самиот старт симнете си од грбот значителен дел од стресот.

Еве неколку корисни совети, кои нема комплетно да го елиминираат стресот, но со сигурност ќе го намалат интензитетот па, вреди да се проба.


Направете он-лајн истражување

Најпрво, квалитетно информирајте се во врска со организирањето на настан од ваков вид. Со брзо он-лајн пребарување можете да најдете мноштво планери посветени токму на организацијата на свадби и спремни се да одговорат на сите ваши прашања поврзани со оваа тема. Кај нив најчесто можете да најдете листа со сите потребни работи поврзани со организирањето, но и самата церемонија. Покрај тоа, веќе се појавуваат голем број мобилни апликации кои ќе можат да ви асистираат.


Издвојте време за себе

Испланирајте секојдневно да издвоите време за опуштање. Во извесен момент со сигурност ќе дојдедете во ситуација кога нешто нема да оди според планот. Барем 20-тина минути на ден посветете само на себеси. Практикувајте јога, пилатес, прошетајте го кучето во парк или било што друго што ќе ви ги оттргне мислите од она што ве окупира преку целиот ден. Важно е, за време на планирањето на вашата свадба, да продолжите со вообичаениот живот и рутина и да не дозволите тоа да ве окупира 24 часа на ден.


Одредете ги вашите приоритети

Фокусирајте се на најважното, за останатото ангажирајте помош. Независно дали се работи за професионален планер или некој од вашите роднини или пријатели, потребно е да побарате помош. Организирање на свадба е преголема работа па ефективно поделете ги обврските.

Посветете му внимание на вашиот партнер

Сепак, целото ова се случува поради вас двајцата. Испланирајте да поминете време заедно, потсетете се на моментите кога сте се запознале, на почетокот на она што наскоро ќе го крунисате со брак. На тој начин ќе ги избегнете расправиите кои се чести во стресни моменти и неретко им прават проблеми на паровите непосредно пред бракот.


Не оставајте ништо за последен момент

Целиот план спроведете го на дело на време. Денот пред самата свадба искористете го за да се одморите и наполните со енергија. Пред вас е долг и исполнет ден со активности и емоции...



#свадба #планирање #стрес #совет

57 views0 comments
bottom of page