top of page
Search

Совети за намалување на бројот на гости на свадба

Мала или голема свадба? Колку гости? Едни од најважните прашања при планирањето на секоја свадба. Многу време се посветува на правењето на листата на гости, и навистина, оваа задача знае да биде многу стресна.


Едноставно, невозможно е да се задоволат сите страни. Добро, доколку имате неограничен буџет, совршена локација, и доколку вашата фамилија и сите ваши пријатели размислуваат исто како вас, можеби, само можеби сите ќе бидат среќни. Но да се вратиме во реалноста.


1. Изберете локација според вашата визија и буџет

Вашата замисла и вашиот буџет за најважните елементи при планирањето на големиот ден. Кога за овие две работи ќе донесете одлука, сте го завршиле најголемиот дел од планирањето за вашата свадба.

Со самото ова, и најголем дел од списокот со гости ќе биде решен, верувајте. Доколку замислувате мини интимна венчавка во зелена градина и вечера во омилениот ресторан во кој собира само 20-30 луѓе, тогаш знаете дека бројот на гостите е ограничен, па така ќе бидете принудени да го скратите списокот. Дури и доколку вашата локација од соништата има капацитет за повеќе гости, но сте замислиле помала свадба, резервирајте во истата и ограничете го бројот на гости.

Запомнете, ова е вашиот посебен ден, па сакате вашата свадба да биде на место кое вие навистина го сакате. Не дозволувајте бројот на гостите да одлучи за свадбената локација.


2. Направете категории за гостите

Намалувањето на бројот на гостите за вашата свадба знае да биде стресно искуство кое на прв поглед изгледа дури и невозможно. Еден начин да го скратите списокот е да ги групирате гостите во повеќе категории: најблиска фамилија, блиски роднини, далечни роднини, блиски пријатели, фамилијарни пријатели, колеги, познаници, деца итн.

Потоа, рангирајте ги сите категории според нивната важност и почнете да го кратите списокот од најдолните. Сигурно ќе имате луѓе кои може да ги сместите во повеќе категории, како на пример колега или колешка која исто така е и блиска пријателка, па така ви препорачуваме да ги сместите во категоријата која ја вие лично ја сметате за поважна.

На овој начин, можете да го исфрлите повеќе гости од списокот одеднаш, кратејќи цели категории, и исто така го намалувате ризикот да некој се почувствува навреден, доколку знае дека се работи за намалување на бројот на гостите според цели категории.


3. Мислете на сегашноста, но и на иднината

Сигурно не сакате да гледате слики од свадбата и да се прашувате „Кој е па овој?“. Поканете гости кои вие и вашиот партнер заедно ги имате запознаено. Вашата свадба не е место за запознавање со нови луѓе. Едноставно, не сакате да си го трошите времето на муабети со луѓе кои првпат ги гледате.

Исто така, размислете со кои луѓе во последната година веќе и не се среќавате, или со кои луѓе би немале никаков контакт за неколку години од сега. Ова ќе ви помогне да се фокусирате на луѓето кои навистина ви значат, и со кои сакате да се гледате и во иднина.


4. Одредете колку од гостите ќе бидат гости на вашите родители

Можеби еден од најголемите предизвици со кој ќе се соочите при правењето на списокот на гости е да ги исполните очекувањата на вашите родители. Ако ги прашате нив за тоа кој сè треба да дојде на свадбата, подгответе се за ресторан со капацитет од 2000 гости и прилично голем буџет.

Но, секако, треба да знаете како да ги задоволите и двете страни, при тоа држејќи се до сопствената визија за свадбата. Ако родителите ја плаќаат свадбата (или дел од неа), потребно е да ги поделите гостите процентуално според одвоениот буџет. Ако родителите од двете страни еднакво помагаат, тогаш би било убаво бројот на гостите да се подели по 50% на двете страни.

Ако само родителите од едната страна ги покриваат најголемите трошоци (или сите) за свадбата, тие треба да добијат поголем процент на гости. Но, доколку сами си ја покривате свадбата, фер е барем 80% од гостите да бидат ваши, а останатите 20% од страната на вашите родители. Во секој случај, обидете се барем 60% од гостите да бидат ваши. Свадбата е ваша, и вашите гости се најголемиот приоритет.


5. Поканете само возрасни гости

Сосема е нормално на вашата свадба да ги планирате само возрасните гости, односно без нивните деца, особено кога се работи за специфична свадбена локација или ограничен буџет. Би било убаво да ги поканите сите, но понекогаш тоа е невозможно.

Доколку се одлучите за свадба на која ќе нема деца, едноставно, напишете го тоа на поканите, за подоцна да не дојде до недоразбирање. Доколку пак од друга страна имате премногу деца на свадбата, најдете локација која располага со посебен простор за малите и вработени кои ќе се грижат за нив, за да не мора да планирате екстра места за седење.


6. Поделете ги поканите

Доколку сè уште не можете да ја скратите листата на гости, секогаш може да ги пратите вашите покани дел по дел. Поделете ја финалната листа во две групи: луѓе без кои не можете да ја замислите вашата свадба, и луѓе кои можеби ќе ви недостасуваат но едноставно, можете и без нив.

Испратете ги поканите до првата група 4 или 5 месеци пред свадбата. Кога ќе видите колку од гостите не можат да дојдат на свадбата, испратете ги поканите и до втората група, со претходно утврден распоред на испраќање, па така полесно ќе можете да го испланирате бројот на гости. Само дајте им доволно време на гостите да одговорат и да можат да го испланираат транспортот, доколку доаѓаат од друг град или држава.




#гости #совети #свадба #ресторан

25 views0 comments
bottom of page